Post Page Advertisement [Top]

 





Кумановскиот муралист Дејвид Стоилковски (@molerajj) 



RK: Како ја откри оваа уметност и колку време се занимаваш со неа?

Дејвид: Првите почетоци на откривање на оваа уметност ми се цртање на графити. Мислам дека секој којшто работи мурали го прошол тој процес прво преку графити, каде што се запознава со односот човек и ѕид, а потоа или останува да работи графити или оди понатаму со малку потешкиот правец во уметноста, а тоа се муралите.

Со графити се занимавам од 2013-та на ѕид, а пред тоа во тетратка за скицирање од 2011-та колку што се сеќавам. Додека пак, со мурали од 2020-та наваму.


RK: Дали грешиме кога делата на еден муралист ги нарекуваме графити и која е разликата помеѓу графит и мурал?

Дејвид: Да, погрешно е бидејќи графити се цртање на стилизирани букви и карактери со спреј и се претежно на ниски површини. Додека пак муралите се сѐ она што не се букви, на голема површина за која се захтевни дигалки или скелиња. Може и на ниски површини да се прават мурали, сѐ зависи од многу фактори, а претежно се со фасадни акрилни бои, четки и ваљци. За муралите има разни правци, како во сликарството што има на пример: реализам, кубизам, апстракција, минимализам, импресионизам и слично.

Единствена работа што ги поврзува графитот и муралот е односот човек со ѕид.


RK: Колку е развиена уличната уметност кај нас во Македонија и кои градови ги краси твојата уметност?

Дејвид: Не доволно, но доста подобро од пред четири-пет години кога немаше ништо никаде, додека сега стварно се трудиме и веќе ја искачуваме таа улична уметничка сцена на повисоко ниво заедно како во другите држави.

Годината 2025-та ќе ни биде седма по ред на организирање и случување на „Графити Фест Куманово“ во Македонија. Со мојата четиричлена екипа од Форма Куманово го организираме овој фестивал којшто е единствен во нашата земја и од оваа година решивме да правиме караван и да го шириме овој фестивал и во други градови, да ги запознаеме луѓето со нашата идеја и работа.

Мои мурали има највеќе во Куманово, потоа: Скопје, Крива Паланка, Штип, Кочани, Струмица Чашка, Дојран, Виница-Блатец, Тетово, Гостивар, Струга...


RK: Дали ти e страв од висината и како се справуваш при такви ситуации?

Дејвид: Не, сум работел на доста повисоки места, меѓутоа тој страв е преброден одамна затоа што за да се занимаваш со оваа работа мораш тоа прво сам со себе да си го решиш за да можеш да одиш понатаму.


RK: Дали луѓето те контактираат за цртање мурали и на приватни места?

Дејвид: Да, често ме контактираат за некои приватни проекти, исцртувања на соби, дворови и слично. Препознаваат дека сѐ што е рачно нацртано е повредно и поавтентично.


RK: Што би порачал на сите оние што сакаат да станат муралисти?

Дејвид: Пред сѐ треба да се има огромна желба и волја за да бидеш муралист, а највеќе треба да имаш трпение бидејќи муралите не се едноставни и захтеваат доста време. Потребно е да имаш разработено добри идеи и теми за да полека си го формираш стилот.

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib