Искачувајќи го последниот степеник, земаш воздишка, пушташ чекор и се препушташ на хоризонтот. Гледаш, се ти е познато, се ти е исто. Милион пати имаш
поминато тука, но во мислите си бил на некое друго место. Сега се сеќаваш дека
некогаш, не
поминуваше тука без да кажеш „Добар
ден“, но одамна баба Перунка е
на другиот свет и таму ги прекорува неучтивите со „Кам ти добар ден, бе?“. Продолжуваш,
доаѓаш до кривината и се навраќаат зимските ледени утра кога мораш да одиш на
училиште, но санкањата после часовите како мелем ги лечеа сите неволни падови
на мразот.
Мавнуваш поглед кон десно и пред очи ти се отвора друга фиока сеќавања. Нема мајка која од
своето дете не е слушнала – „Под кош“ како одговор на прашањето – „Каде ќе одиш?“. И
сега е јуни, децата се на летен распуст и безгрижно си играат тука. И сега е
јуни, црешата на Чедо потворно зрее, но нема ни кој да ја краде, ниту пак тој
да ја брани.
Дворските цвеќиња ги красат уличните пејзажи, брезите шумолат, стари жени си шетаат и шушкаат:
- „Во исто време куќи градевме, заедно
свадби на деца правевме, сега дојде време еден по еден да се испраќаме...“
...
Улицата каде што припаѓаш помни се, те препознава и на
сонце и на месечина. Се радува на
твоите чекори и ти се
извинува во случај некоја бандера да е без осветлување. И секако дека ќе ѝ простиш бидејќи
таа секогаш ќе го осветлува оној дел од твоето срце
каде го носиш животот со спомените на кои токму таа им дала адреса.
- Роберт Крстевски
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Foggy Baglak |