На патот кон селото Дивјанци, кое е
дел од село Градец во Крива Паланка, се наоѓа една карпа која сведочи за
мистериите од минатото на народот од овој крај. Денеска верувањето во ѓаволи, духови,
вампири, самовили и останатите натприродни сили луѓето го сфаќаат на различен
начин. За некои тие верувања се смешни, за други сосема реални, кај некои будат
интерес, кај други страв. Прочитајте ја случката која била пренесувана од
генерации на генерации и споделете што таа ќе пробуди кај вас.
Имало неколку селани кои работеле во
градот. Секој ден наутро заедно оделе на работа и заедно се враќале секоја
вечер. Еден од нив работел
во кафеана, која се наоѓала некаде околу денешната автобуската станица во Крива
Паланка. Една зимска вечер,
останатите селани го завршиле работниот ден и дошле во кафеаната да го повикаат
соселанецот за да сите
заедно си тргнат накај селото кај што ги чекале семејствата во нивните домови. Меѓутоа, во
кафеаната имало неколку луѓе кои се запиле и потрошиле многу пари таа вечер, па
затоа селанецот им рекол тие да тргнат накај селото, тој ќе ги
престигне штом си заминат муштериите. Останатите
селани си тргнале накај дома, а селанецот којшто работел во кафеаната останал и
го продолжил работното време. По неколку часа кафеаната се испразнила, тој ја
затворил и си трганал. На патот кон селото, го пресретнале луѓе кои му се
претставиле како сватови кои тргнале на свадба и го замајале и повеле со нив.
Неговото семејство започнало да се загрижува бидејќи било многу доцна, а тој не
се вратил дома. Периодот од дванаесет до три часот по полноќ го сметале за
глува доба и време кога секој си е во својот дом и не излегува надвор.
Семејните чекале, но немало ни трага ни глас од селанецот. Околку четири
часот наутро штом пропејале првите петли тие веднаш тргнале да го бараат исчезнатиот
член од нивното семејство. Го нашле токму на оваа карпа, во рака држел коска за
која подоцна раскажал дека сватовите му ја дале за да наздрават, велејќи дека
тоа е пијалок.
Селаните како средство за одбрана
против ѓаволи, носеле со себе лук и ќибрит, бидејќи верувале дека ѓаволите
бегаат од оган и мирис на лук. Исто така верувале дека ѓаволите ги снемувало штом
ги слушнат првите петли кои го најавуваат новиот ден. На карпата имало облека
за која народот верувал дека припаѓала на ѓаволите, но еден од нив бил похрабар
од другите и ја запалил, а што се случило со него не се знае бидејќи набргу се
отселил од селото.
Кај мене лично ваквите мистериозни
настани будат интерес, не напразно луѓето слепо верувале и се пазеле од
различни мистерии во минатото.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ :